Кина го воспостави најголемиот систем за трговија со јаглерод диоксид во светот

Кина во петокот го лансираше најголемиот светски систем за трговија со јаглерод диоксид, кој во првата фаза ќе го опфаќа само енергетскиот сектор.
Програмата првично ќе вклучува 2.000 компании во енергетскиот сектор, кои заедно испуштаат околу четири милијарди тони емисии на СО2 годишно. Другите индустрии треба да бидат вклучени во програмата подоцна.
Како дел од програмата, компаниите ќе добијат квоти за емисија на јаглерод и ќе можат да продаваат неискористени дозволеми количини на оние кои повеќе загадуваат, според државната новинска агенција Синхуа.
Цената на еден тон гасови со ефект на стаклена градина беше 48 јуани (околу 7,40 американски долари) на почетокот на трговијата во Шангај денес, објави Синхуа.
Трговијата треба да и помогне на втората светска економија да ги намали емисиите и да ги постигне климатските цели поставени од лидерот на државата и партијата Си Џинпинг.
Тој вети дека емисијата на стакленички гасови ќе го достигне својот врв пред 2030 година и дека Кина ќе постигне неутралност на јаглерод до 2060 година. Јаглеродната неутралност подразбира нула нивоа на емисии на СО2 или рамнотежа помеѓу емисиите и апсорпцијата.
Според американскиот институт Родиум Груп, годишните емисии на стакленички гасови во Кина неодамна ги надминаа емисиите на сите развиени земји заедно.
Кина сака компаниите прво да се навикнат на системот, а подоцна може да ги заостри квотите.
Неколку градови и провинции тргуваат со емисиите од 2013 година, како дел од пилот-проекти, според агенцијата ДПА.