Кина: Го нарече Ши Џинпинг „кловн“ и доби 18 години затвор

Рен Жичијанг јавно го критикуваше претседателот Шин Џинпниг за неговото справување со корона вирусот (Фото: АП)

 

Кина осуди влијателен поранешен извршен директор и критичар на претседателот Ши Џинпинг на 18 години затвор за корупција.

Рен Жичијан, поранешниот претседател на „Хуајуан“, државна групација за недвижнини, исто така е казнет со парична казна од 4,2 милиони јуани (620 илјади долари), објави во вторникот на својата веб-страница суд во Пекинг.

Судската пресуда вели дека 69-годишниот „доброволно и вистинито ги призна сите свои злосторства“ и нема да ја обжали одлуката на судот.

Борците за заштита на правата ги обвинуваат Ши и Комунистичката партија дека користат обвиненија за корупција како начин да се замолчи несогласувањето.

Рен, влијателен критичар на кинеската Комунистичка партија, кој сугерираше дека претседателот Ши Џинпинг е „кловн“ во неговото справување со епидемијата на корона вирус, беше ставен под истрага во април за „сериозни повреди на дисциплината и законот“.

Пензионираниот директор за недвижнини исчезна во март откако напиша критички есеј за епидемијата. Во тоа време, пријателите на Рен за Ројтерс изјавија дека не биле во можност да контактираат со него и тие биле „крајно вознемирени“.

Неговиот есеј беше насочен кон говорот што Ши го одржа на 23 февруари и рече дека открива „криза на управување“ во партијата. Иако не го спомена Ши по име, Рен, наводно, напишал дека видел „не цар што стои таму и ја изложува својата„ ‘нова облека’, туку кловн кој се соблече гол и инсистираше да продолжи да биде император“.

„Реалноста што ја покажа оваа епидемија е дека партијата ги брани своите интереси, владините службеници ги бранат своите интереси, а монархот само ги брани статусот и интересите на јадрото“, се вели во преведената верзија на есејот.

Во 2016 година, Рен беше осуден на условна казна една година како казна за неговата јавна критика кон владината политика. Неговите налозии на социјалните мрежи, кои имаа десетици милиони следбеници, беа затворени.

Пекинг ја засили својата борба против граѓанското општество откако Ши ја презеде власта во 2012 година, засилувајќи ги ограничувањата на слободата на говорот и притворајќи стотици активисти и адвокати. (Според агенциите)