Кина ги повлече изјавите на амбасадорот во Париз за суверенитетот на постсоветските држави


Изјавите на амбасадорот Лиу Шаје предизвикаа општа осуда

 

Кинеските власти се повлекоа назад по дипломатскиот скандал испровоциран од кинескиот амбасадор во Франција, Лиу Шаје, кој рече дека републиките на поранешниот СССР немаат „ефективен“ суверенитет, а Крим ѝ припаѓа на Русија „од самиот почеток“.

Официјалната позиција на Пекинг за статусот на полуостровот, кој беше анектиран од Русија во 2014 година, не е променет, соопшти во понеделникот кинеското Министерство за надворешни работи.

Кина го почитува суверениот статус на сите републики од поранешниот СССР, нагласи Министерството.

Според Блумберг, кинеската амбасада во Франција го отстранила транскриптот од интервјуто на Лиу Шаје од својот профил во месинџерот WeChat, а исто така не го објавил на официјалната веб-страница.

Текстот, кој се појави во понеделникот наутро, исчезна до пладне, а на останатите линкови пишува дека е „избришан од авторот“.

Шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел, ги нарече „неприфатливи“, француското МНР „алармантни“, а шефот на украинското МНР Дмитро Кулеба „апсурдни“, изјавите што Лиу Шаје ги даде за време на интервју за францускиот ТВ канал ЛЦИ.

„Според меѓународното право, овие земји од поранешниот СССР немаат, така да се каже, ефективен статус во меѓународното право. Затоа што не постои меѓународен договор кој го одредува нивниот статус како суверена земја“, рече тој.

Коментирајќи ги зборовите на домаќинот дека Крим е територија на Украина, кинескиот амбасадор истакна дека полуостровот првично бил руски сѐ додека Никита Хрушчов не ѝ го предаде на Украина.