Ким Џонг-ун во лежерно издание надгледувал воени тактички вежби


 

Северна Кореја во текот на ноќта меѓу саботата и неделата истрела две нови балистички ракети во морето, што претставува седмо вакво лансирање во последните две недели.

Лансирањата на севернокорејските ракети во последните недели претставуваат нуклеарни тактички вежби, што биле лично надгледувани од лидерот Ким Џонг-ун, јави денеска севернокорејска агенција КЦНА.

КЦНА јави дека лидерот Ким, од 25 септември до 9 октомври, лично ја надгледувал и водел обуката на единицата за тактички нуклеарни операции во земјата.

Воените единици задолжени за употреба на тактичко нуклеарно оружје „одржаа воени вежби од 25 септември до 9 октомври за тестирање и оценка на нуклеарното одвраќање и способностите за нуклеарни контранапади на земјата, што е сериозно предупредување за непријателите“, соопшти КЦНА.

Агенцијата ги нарече вежбите „одговор на заедничките вежби на САД и Јужна Кореја во регионот, кои дополнително ги зголемуваат тензиите додека отворено претставуваат воена закана за Северна Кореја“.

Седумте ракетни лансирања што ги изврши Северна Кореја во изминатите две недели беа вежби кои симулираа вистинска војна, додаде КЦНА.

„Ким Џонг-ун… спроведе воени вежби на терен“, прецизира државната агенција.

Додека севернокорејските разговори за разоружување одамна се во ќорсокак, Пјонгјанг од почетокот на годината ги засилува вежбите и минатата недела лансираше балистичка ракета над Јапонија, прва во последните пет години.

Бројни експерти и официјални лица проценуваат дека Северна Кореја веќе ги завршила подготовките за нова нуклеарна проба, што би била седма во нејзината историја и прва од 2017 година.