„Килибар и младост“ – нова поетска книга на Гордана Михаилова – Бошнакоска


Фото: Б. Грданоски

Гордана Михаилова Бошнакоска, една од најмаркантните македонски
поетеси, во поетската едиција на „Макавеј“ ја објави новата поетска
збирка „Килибар и младост“.
Оваа нова поетска обзнана на реномираната поетеса е проследена со предговор на поетот и литературен критичар Бранко Цветкоски и со поговор на писателот Гоце Смилевски.
Со оваа книга Гордана Михаилова Бошнакоска го продолжува успешниот
залет од претходната стихозбирка „Мед и младост“ со која најави
своевидна фигуративна бура во рамките на секогаш компактниот краток
простор на нејзината лирска песна.

 

Во предговорот на Цветкоски, меѓу другото, се потенцира:
– Во „Килибар и младост“ оваа ретка поетеса нѝ се обраќа од
килибарниот светлосен свет на нејзината меморија и преку илузијата на
сонот, нѝ поставува на пребогатата лирска трпеза изобилство нестивнати
емоции, прележани мудрости просеани низ најситното сито на личното
векување и се збиднува фанкционален ментален смолест спој. Нема
дистанца меѓу појавното и сонуваното, растојанието е совладано,
лирскиот тон се опредметува и преминува во нашите прсти со
диктирачката имагинација – а ние, читајќи, само го продолжуваме
траењето на илузијата. Таков е овој маестрално стокмен удар на
Горданината лирска етида, како музика што ги збрала сите времиња, во
едно – во нашето, сегашното, единствено и миговно вечно време.“