Киќо Слабинац се бори за живот по операција на срцето

Познатиот хрватски музичар Крунослав Киќо Слабинац (77) е во индуцирана кома во одделот за интензивна нега на КБЦ Загреб и неговиот живот е во опасност, изјави извор близок на легендарниот пејач, пишува Дневник.хр.

Здравствената состојба на Слабинац се искомплицирала по операцијата на срцето во Универзитетскиот болнички центар Загреб, кога му беа вградени стентови.

Тоа требало да биде рутинска операција на срцето, по што музичарот мораше да оди на уште две операции. Тие беа сериозни, па лекарите го ставиле во индуцирана кома.

Веста ја потврди и неговиот долгогодишен пријател и менаџер за странство Душко Локин.

„Знам дека тој отиде да вгради три стента и дека е на респиратор. Тоа е она што ми го кажа неговиот син Иван, но не го знам ова за индуцираната кома. Знам што ми кажа неговото семејство. Ставањето стент е рутинска операција“, вели Локин.

Киќо е познат по хитовите „Због једне црне жене“ и „Инати се Славонијо“, а оваа година славеше 50 години од својата кариера.