КИФ иницира база на податоци за фирми од Западен Балкан за полесен пристап до синџирите на снабдување


Компании добавувачи од автомобилската, прехранбената и лесната индустрија ќе имаат можност да се вклучат во базата на податоци што се иницира во рамки на Коморскиот инвестициски форум и на тој начин, заедно со останатите добавувачи од Западен Балкан, ќе станат подостапни за регионалните и глобалните синџири на снабдување.

Дата базата ќе ги содржи основните податоци за компанијата, податоците за производствените капацитети, технологии што ги применува компанијата во производството, сертификатите со кои располага, нивната позиција во синџирот на снабдување, земјите во кои извезува и.т.н.

Кон оваа дата база ќе бидат вклучени и податоци за компании кои имаат активен ангажман на полето на циркуларната економија.

– Сумарно за сите посочени сектори, оваа дата база треба да содржи податоци за приближно 2.000 добавувачи и инвеститори кои се вклучени односно имаат потенцијал за поголема вклученост во регионалните и глобалните синџири за снабдување, истакна Татјана Штерјова Душковскa од Стопанската комора, која е генерален секретар во Коморскиот инвестициски форум.

Од Стопанската комора на Северна Македонија очекуваат кон оваа дата база да се приклучат најмалку од 300 до 400 компании од сите сектори од земјава.

Автомобилската индустрија ќе биде првиот сектор каде ќе се изврши мапирањето кое треба да заврши кон почетокот на јули, а за останатите сектори, овој процес треба да заврши до крајот на годината.

Освен ова, обезбедена е и техничка помош за 60 компании од регионот за дигитална трансформација, како и техничка поддршка за 60 компании за изготвување на проекти за добивање на средства преку европските фондови за надградба на нивните постојни или набавка на нови капацитети. Планирано е да се организираат и повеќе средби меѓу овие компании со цел нивно вмрежување.

Од Стопанската комора на Северна Македонија ги повикуваат сите заинтересирани компании да се вклучат кон оваа база на податоци.