Киев тврди дека соборил шест руски авиони за три дена


Наводно, биле соборени четири авиони „Су-34“

 

Украинската војска соопшти дека соборила уште два руски воени авиони кои биле користени за фрлање високо деструктивни наведувани воздушни бомби врз трупите на Киев, изјави началникот на армијата Олександар Сирски.

Уништените авиони биле ловец-бомбардер „Су-34“ и ловец „Су-35“, напиша Сирски на Телеграм. Во текот на викендот, Украина соопшти дека соборила три руски „Су-34“ и еден „Су-35“.

„За само три дена, непријателот загуби шест авиони“, рече Олександр Пављук, новиот началник на копнените сили на Украина, на Телеграм.

Русија не го коментираше соборувањето на воените авиони.

Во исто време, Киев ја обвинува Москва дека погодува цивилни цели со помош на „Су-34“, особено во јужниот регион Херсон.

Украинските војници се соочуваат со „силен оган“ од руските сили во јужниот регион Запорожје, изјави портпаролот на украинската армија, цитиран од АФП.

Дмитро Лиховиј рече дека Русија спроведува повеќе напади во близина на селото Роботине – едно од ретките места каде Украина успеа да врати тириторија за време на минатогодишната контраофанзива.

„Ситуацијата е динамична овде, непријателот нанесува силен оган“, рече тој на државната телевизија.

Тој рече дека Русија нападнала со оклопни возила во саботата – „што беше одбиено“ – и сега се обидува да напредува „со мали јуришни групи, поддржани од оклопни возила“.

Тоа доаѓа откако Русија соопшти дека ја презела целосната контрола врз источниот украински град Авдиивка, што е нејзина најголема добивка од заземањето на Бахмут минатиот мај, по повлекувањето на украинските трупи.