Киев под жесток напад со дронови – експлозии во центарот на градот

Киевската градска државна управа прати предупредување повикувајќи ги жителите да побараат засолниште


 

Најмалку две силни експлозии одекнаа во главниот град на Украина во раните утрински часови. Надлежните тврдат дека Киев е погоден од низа руски дронови од иранска изработка.

Повеќе локални извори известија за експлозии во центарот на Киев. Неколку гласни експлозии се слушнаа и во околината на градот, јавија сведоци за „Ројтерс“. Забележан е пожар во киевскиот округ Шевченкивски.

Украинските оружени сили први се огласија со предупредување на Телеграм околу 2 часот наутро по локално време, велејќи дека војската пратила противводушна одбрана за да ја заштити престолнината од напади со дронови.

Киевската градска државна управа исто така прати предупредување повикувајќи ги жителите да побараат засолниште. Подоцна е додадено дека повеќе од 20 беспилотни летала од иранско производство се откриени над воздушниот простор на Киев и дека најмалку 15 се соборени.

Најмалку двајца повредени – погодена критична инфраструктура

Олексеј Кулеба, шефот на киевската регионална воена администрација, рече дека се огласиле сирените за тревога и дека градот е под напад од дронови.

„Нападите со дронови продолжуваат“, кратко објави на Телеграм.

Подоцна додаде дека девет дронови се соборени во киевскиот воздушен простор. На почетокот не беше јасно дали силните експлозии се од противвоздушната одбрана која ги урива дроновите или дроновите успешно ги погодиле своите мети.

Кулеба меѓу најновите информации објави дека погодена е и критична инфраструктура и дека повредени се најмалку две лица. Украинските оружени сили тврдат дека дроновите се лансирани од источниот брег на Азовското Море.

Путин во Белорусија

Од друга страна пак, денеска рускиот претседател Владимир Путин, прв пат во 3,5 години патува за Белорусија. Според Кремљ тоа е опширна „работна посета“ кај белорускиот претседател Александар Лукашенко.