Кичево повторно се справува со поплавите, еден месец по првите евакуации
Поради обилните врнежи и наглото влошување на состојбата на терен, Општина Кичево веднаш организираше координирана интервенција за справување со последиците од поплавите и заштита на граѓаните и нивниот имот.
На терен се ангажирани екипи и механизација, со насочени активности кон најкритичните точки, и тоа:
– расчистување на одводни правци и критични делници,
– отстранување наноси, кал и отпад што го блокираат одливот,
– чистење и пробивање канали и пропусти,
– испумпување вода и обезбедување пристап до загрозени домаќинства, каде што условите тоа го дозволуваат.

Интервенциите се реализираат во постојана и директна координација со ЈКП „Комуналец“ – Кичево и Територијална противпожарна единица – Кичево. На лице место се присутни и командирот Филип Митрески, пратеникот Ѓорѓија Сајкоски, градоначалникот Д-р Александар Јовановски и директорот Бојан Стојкоски, со цел навремено донесување одлуки и поефикасна распределба на ресурсите.

Општина Кичево упатува сериозен апел до граѓаните:
– да не се движат низ поплавени подрачја и да избегнуваат ризични делници,
– да не ја попречуваат механизацијата и екипите при работа,
– да пријават доколку забележат нови критични точки или опасност за домаќинствата.

Општина Кичево останува целосно ангажирана и ќе продолжи со интензивни активности сè додека состојбата не се стабилизира. Јавноста ќе биде редовно информирана преку официјалните канали.
Ппред нешто повеќе од еден месец, поројните врнежи од дожд и зголемениот водостој на реките предизвикаа поплави на населени места и плодни површини во Кичевскиот регион.
Поплавите предизвикаа материјални штети, кои непосредно го погодија населението во Кичево. Евакуирани беа околу 110 лица од загрозените подрачја.
Црвениот крст на Македонија Општинската организација Кичево, во соработка со Општина Кичево, обезбеди итна хуманитарна помош за евакуираното население и тоа душеци, ќебиња, креветчиња, облека, храна, вода, хигиенски средства, како и топли оброци.