Кичеец потврди дека му помагал на Мицкоски на изборите


Зоран Милески Кичеец за А1 он вели дека имал повеќе состаноци со Христијан Мицкоски и дека со него се сретнал и на 14 април минатата година за да зборуваат за изборите.

„Додека се борам да докажам моја невиност пред апелација во случајот „Рекет“, вчера слушнав нови обвиненија на сметка на мојата чест и углед од потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски . Ова нема да го дозволам и ќе поднесам кривична пријава против него за нарушување на честа и угледот.

Разговорите што се објавени на „Јутуб“ се автентични и се од состанок што го имав со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, господинот Христијан Мицкоски на 14 април 2019 година. На тој состанок разговаравме за изборите во Охрид и за мое помагање. Не знам кој снимал додека сум бил на состаноците. Имавме повеќе состаноци со претседателот Мицкоски,“, вели Милески-Кичеец за „А1он“.

Инаку, на „Јутуб“ беа објавени четири разговори меѓу лидерот на ВМРО-ДПМНЕ,Христијан Мицкоски, Зоран Милески –Кичеец и женска личност. Во текот на разговорите се слуша како Мицкоски зборува со Кичеец за претстојните претседателски избори.Мицкоски во октомври 2019 година, во интервју, негираше  дека имал средба со Зоран Милески – Кичеец, повикувајќи, доколку има инкриминирачки материјал, тој јавно да се објави, а со навестување дека тој нема да тужи. Мицкоски во интервјуто кажа дека следниот ден сам ќе се пријави во истражниот затвор во Шуто Оризари, доколку постои ваков материјал.