Кибер нападите со ВИ се нова закана за глобалниот финансиски систем, педупредува гувернерот на Банката на Англија


Влијанието на вештачката интелигенција врз кибер ризиците претставува непосредна закана за глобалниот финансиски систем, предупреди денеска претседателот на Одборот за финансиска стабилност (ФСБ), Ендру Бејли, кој е и гувернер на Банката на Англија.

Во писмо до министрите за финансии и гувернерите на централните банки на земјите од Групата 20 (Г20), Бејли рече дека ВИ може значително да ја промени брзината, обемот и економската профитабилност од кибер нападите.

Тоа значи дека напаѓачите би можеле да користат напредни модели на ВИ за побрзо да пронајдат ранливости и да нападнат многу поголем број системи одеднаш. Проблемот е особено сериозен за финансискиот сектор, што е се повеќе зависен од мал број големи технолошки компании.

Според Бејли, концентрацијата на критична инфраструктура кај неколку даватели на услуги би можела да ја загрози довербата во целиот финансиски систем доколку еден од нив претрпи сериозен напад или технички проблем.

Бејли повика на безбедно и одговорно глобално воведување на напредни модели на ВИ, оценувајќи дека развојот на нивните способности мора да биде придружен со соодветна отпорност на финансискиот систем. 

Одборот за финансиска стабилност е меѓународно тело што ги следи ризиците за глобалниот финансиски систем и дава препораки за зајакнување на финансиската стабилност. Основан е во 2009 година, по глобалната финансиска криза, а негови членови се земјите од Г20 и голем број други големи финансиски јурисдикции.