КХВ предлага оданочувањето на капиталните добивки да се одложи за уште една година


zuerich3b.tif

 

Првиот човек на Комисијата за хартии од вредност, Нора Алити, денеска предложи оданочувањето на капиталните добивки да се одложи за уште една година. Зборувајќи на 21. Годишна конференција на Македонската берза што денес се одржува во Охрид, таа предлогот го образложи со потребата да се поедностави постапката.

„Дел на сега важечкиот Закон на данок на личен доход е и одложената примена на одредбите за капиталната добивка за вложувања во акции и во удели до 2023 година и денес кога ова прашање е повторно актуелно, заради подобра системска подготовка апелираме на дополнително одлагање за уште една година поради потребата од поедноставување на оперативната постапка“, рече Алити.

Таа додаде дека Комисијата го поддржува предлогот на Македонската берза постапката да се централизира во Централниот депозитар со што сега предвидената сложена административна процедура нема да претставува бариера за инвеститорите.

Алити се осврна и на новиот Кодекс за корпоративното управување на котираните друштва на Македонката берза кој, како што рече, е во насока на „повеќе Садио Мане во нашиот условно кажано фудбалски терен и натпревар“.

„Додека работевме во неговото конципирање се залагавме за промовирање на инклузијата како начин со кој меѓу другото го поддржуваме ефективното управување со ризиците. Во оваа насока е и заложбата најмалку 30 проценти жени да се членови на надзорниот и на управниот одбор до 2025 година. Нова е далеку од доволно. Постигнувањето еднаквост диверзитет и инклузивност и не само родова подразбира нарушување на статус квото, а не негово преговарање“, рече Алити.

Инаку, алузијата со фудбалот, Алити ја употреби два пати. Првиот, кога се наврати на 2019 година по една година директорување со КХВ.

„Тогаш реков дека добар регулатор е како добар фудбалски судија, како што тоа беше Пјерлуиџи Колина  на финалето од лигата на шампиони Баерн и Манчестер јунајтед во 1999 година. Тогаш Баерн ја изгуби титулата со два примени гола после 90-тата минута, но поради доброто арбитрирање на Колина резултатот од натпреварот независно колку и да беше разочарувачки за многумина остана неприкосновен за сите. Денеска на тоа сакам да надодадам дека добар овластен учесник е како добар и етичен фудбалер, како Садио Мане на Баерн , кој пред неколку недели постигна ненамерно гол со рака против Бохум. Веднаш пред реакцијата на ВАР самиот го извести судијата и голот беше поништен“, рече Алити. (М.Ј.)