КФОР: Белград беше информиран за полициската акцијата во Косово, немаше изненадувања

Портпаролот на Меѓународните сили во Косово (КФОР), полковник Виченцо Грасо денеска изјави дека властите на Србија предвреме биле информирани за вчерашната полициска акција во северно Косово и дека „немало изненадување“.

– Ситуацијата вчера беше под контрола и постојано ја следевме. Имавме добра размена на информации и бевме во контакт со косовските институции, дури и со српските власти и сите беа однапред информирани за она што се случува, така што немаше изненадувања и не е изненадување она што се случи, изјави Грасо за ТВ Прва.

Тој додаде дека КФОР ги следел операциите низ цело Косово, а вчерашната полициска операција, како што нагласи, била со цел спроведување на владеењето на правото и дека не била поврзана со мандатот на КФОР.

Грасо оцени дека „во овој момент мирот во Косово е најзагрозен од реториката и пропагандата, понекогаш и од лажните изјави“.

– За 20 месеци, колку што сум во Косово, немаше големи инциденти. Најголема закана за мирот и стабилноста во Косово и во регионот е предизвикана од реториката што ја користат некои лидери, злоупотребувајќи одредени медиуми, истакна Грасо.

Како што јавуваат српските медиуми, состојбата во северно Косово засега е мирна, а во северна Митровица попладнево ќе се одржи протест на косовските Срби во организација на партијата Српската листа, која е блиска до властите во Белград.