КФЦ го најави првото 3-Д печатено пилешко во светот


САД – Синџирот ресторани КФЦ од Кентаки (САД), има намера да биде првиот во светот што ќе служи производи од пилешко месо, направени во лабораторија. За да ја постигнат таа цел, тие побараа помош од руски стручни лица за 3-Д печатење.

КФЦ истакнува дека тоа би биле „ресторани на иднината“, што ќе се обидат да го постигнат во соработка со руската компанија 3-Д Биопринтинг солушнс, којашто ќе го печати пилешкото месо. Притоа, „испечатената“ храна треба да го има оној познат вкус на КФЦ.

КФЦ, се решиле на овој чекор, како што велат оттаму, поради тоа што науката укажува дека „конвенционалниот начин на производство на месото е штетен“ за животната средина.

– Печатењето во 3-Д е широко користен во медицината и сега сѐ повеќе се користи и во производството на храна… Се надевам, оваа технологија ќе го забрза производството на храна, рече Јусеф Кесуани, еден од основачите на 3-Д Биопринтинг солушнс.

Печатењето 3-Д човечки органи за трансплантација е нешто на коешто научниците работат подолго време и имаат одредени резултати. Имено, тие успеваат да создадат солидни имитации на вистински органи, но фунционалноста е она што треба да се усовршува. Во прехранбената индустрија, од друга страна, тоа и не е дотолку потребно.

Првото 3-Д печатено пилешко треба да се појави во Москва оваа есен.