Кевин Спејси пред британски суд


Англија– Актерот Кевин Спејси е обвинет за сексуален напад и треба да се појави на суд в четврток, соопшти британската полиција во понеделникот.

Тој треба да дојде во Вестминстерскиот суд в четврток во 10 часот.

Минатиот месец обвинителите дадоа зелено светло за покренување обвинение за 62-годишниот Спејси по четири точки од обвинението за сексуален напад врз три машки лица и уште една точка за поттикнување на друго лице да изврши пенетративен сексуален чин без согласност.

Полицијата соопшти дека наводните напади се случиле во периодот од март 2005 до април 2013 година, четири во Лондон и еден во Глостершир. Овие напади биле извршени врз машко лице кое сега има четириесет години и други две машки лица кои сега се во триесеттите.

Лондонската метрополитен полиција претходно потврди дека Спејси е обвинет по пет точки одобрени од државното обвинителство по неговото апсење.

Спејси изјави дека е подготвен да се брани пред судот во Велика Британија и дека ќе докаже дека е невин.

„Судскиот процес ќе ја докаже мојата невиност“, изјави оскаровецот.

Спејси некогаш беше една од најголемите американски филмски ѕвезди, но пред пет години се повлече од очите на јавноста откако беше обвинет за сексуален напад.

 

По обелоденување на наводите, Спејси беше исфрлен од ТВ-серијата „Куќа од карти“ и од филмот „Сите пари на светот“.