Керим не знае дали истрагата за МПМ е завршена


 

Поранешниот директор на МПМ, Срѓан Керим, не е запознат со тоа дека наводно завршила истрагата во случајот на „Медиа принтмакедонија“. Тој за „НоваТВ“ изјавил: „Лично не располагам со такви информации на кои се повикувате и се прашувам од каде и врз база на што се пуштени во етерот“.

Оваа негова изјава следува откако специјализираниот портал „Правосудство“ напиша дека кривичната истрага за сопствениците на „Медиа Принт Македонија“ е завршена. Порталот дознава истрагата завршила кон крајот на минатиот месец, а некогашниот сосопственик и директор на МПМ, Срѓан Керим, се сомничи за три кривични дела.

Според сознанијата на „Правосудство“ Керим од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција  е осомничен за сторена „Злоупотреба на службена положба и овластување“, согласно член 353 од Кривичниот законик, за „Оштетување или повластување на доверители“ од член 257 став 3 од КЗ и за „Намерно предизвикување на стечај“.

Случајот на МПМ беше инициран со кривична пријава поднесена од новинарите уште на почетокот на мај 2017 година. Поднесената кривична пријава беше прифатена од скопското обвинителство, но и по повеќе од една година, по неа не се постапувало. Предметот доби на интензитет кога премина во СЈО, но по неговото укинување тој беше преземен од Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Срѓан Керим веќе неколку години живее во Опатија и има хрватско државјанство.