„Кемет“ со 45 илјади вработени има поголеми приходи од македонскиот буџет со три пати повеќе луѓе, рече Ковачевски


Групацијата „Кемет електроникс“, на глобално ниво во која се вработени околу 45 илјади лица, годишно има приходи кои се поголеми од приходите на македонскиот буџет, каде што (во администрацијата) се вработени три пати повеќе луѓе, рече денес премиерот Димитар Ковачевски на отворањето на втората фабрика на „Кемет“, во ТИРЗ Скопје 1. Притоа, овој податок тој го искористи за да укаже на неопходноста од реформи во државната управа.

„Секогаш повторувам, вредноста во едно општество се креира во приватниот сектор бидејќи вие сте тие кои создаваат вредност, кои плаќате даноци, вие сте тие кои што креирате вредности и профитот на компаниите од кој што се плаќа данок на добивка“, рече Ковачевски, обраќајки се на присутните по повод отворањето на новиот капацитет на „Кемет“ во кој што ќе работат 36о лица.

Тој додаде дека вработените кои што работат во приватниот сектор секогаш ја имаат неговата најголема почит, потсетувајќи дека и самиот 22 години бил дел од приватниот сектор.

„Ако ги погледнеме бројките кои што ги покажа директорот на ‘Кемет’, има еден многу важен податок: ‘Кемет електроникс’ како групација, има годишни приходи кои што се поголеми од годишните приходи на македонскиот буџет, и тоа го прави со 45 илјади вработени. Нашиот буџет има нешто помалку од приходите колку што има ‘Кемет електроникс’, но тоа го прави со три пати поголем број вработени“, рече Ковачевски.

Затоа, како што нагласи, смета дека на нашата држава ѝ треба реорганизација на јавната управа, ѝ треба усогласување со најдобрите принципи на управување за менаџмент практики со цел да стане поефикасен и попродуктивен сервис на сите граѓани на државата.

„Тоа е уште една причина зошто велам дека вработените и работниците во приватниот сектор се тие кои што креираат секогаш поголема вредност и поголема продуктивност за државата“, посочи премиерот.

Групацијата „Кемет електроникс“ годишно има приход од 4,8 милијарди долари во 49-те фабрики, 47 канцеларии за продажба и 20 развојни бироа во Северна и Јужна Америка, Азија и Европа во кои работат 45.000 вработени. Произведува електронски компоненти за најпознатите светски компании.