Кекеновски. Нашата коалиција ќе бара промена на Уставот за да се укине имунитетот на функционерите


Коалицијата „Никогаш северна, секогаш Македонија“ најави неколку свои краткорочни приоритети по изборите и верува дека може ги реализира во кусо време. Според Јове Кекеновски, коалицијата во првите триесет дена од нивниот избор, ќе побараат ургентни уставни промени со кои ќе биде укинат имунитетот на носителите на јавни фунции.

„Говорам за имунитетот на пратениците, за имунитетот на претседателот на држава, на судиите и обвинителите, на членовите на Републичкиот судски совет, Советот на јавни обвинители и Уставниот суд. Ние сметаме дека имунитет треба да има само претседателот на државата“, вели Јове Кекековски.

Потоа, неговата коалиција во првите триесет дена ќе се заложи за укинување „на енормните патни трошоци кои ги добиваат пратениците коишто доаѓаат од внатрешноста и на сите да им се признаваат патни трошоци во висина на автобуска карта на редовна автобуска линија“.

Кекеновски вели дека друг краткорочен приоритет ќе биде итно распуштање на сегашниот состав на Уставниот суд и избор на нов составен од „стаменити и стручни личности кои имаат знаење, капацитет и дигнитет, а не како досега партиски послушници“. Коалицијата „Никогаш северна, секогаш Македонија“ во првите шест месеци од изборите ќе направи генерално прочивствување на судството, Обвинителството и полицијата.