Кејт Брнс: Изминатите три години е постигнат значаен напредок


Амбасадорката на Соединетите Американски Држави во земјава, Кејт Брнс, го поздрави, како што вели, значајниот напредок на Северна Македонија што е постигнат во изминатите три години.

Во изјавата што е објавена на официјалната фејсбук страница на амбасадата, таа нагласува дека ваквите достигнувања помагаат во обезбедување на трансатланската иднина на земјата.

„Како што завршува мандатот на деветтиот парламентарен состав во историјата на Северна Македонија, би сакала да го потенцирам значајниот напредок што е постигнат во изминатите три години. Ова, да наведам неколку, ги вклучува ратификацијата на протоколот за пристапување во НАТО, ратификацијата и чекорите за спроведување на Договорот од Преспа, ратификацијата на Договорот за пријателство со Бугарија, како и усвојување на законите за Агенцијата за национална безбедност и Оперативно- техничката агенција, Законот за јазици , измените и дополнувањата на Законот за одбрана, Законот за заштита и спречување на дискриминација и Законот за јавното обвинителство. Овие достигнувања покажуваат посветеност на Северна Македонија кон реформската агенда, во корист на нејзините граѓани и помагаат во обезбедувањето на нејзината трансатлантска иднина“, вели во изјавата амбасадорката Брнс.