КБЗ ќе анализира зошто сезонските вируси ги наполнија амбулантите
Вирусните инфекции кои се причина за преполните болнички капацитети и ординациите кај педијатрите ќе бидат предмет на дискусија на состанокот на Комисијата за заразни болести наредната недела. По неколку месечна пауза, советодавното тело на министерот за здравство ќе дискутира за епидемиолошката состојба, пресек за болни и хоспитализирани од ковид и грип, но и за аденовирусите од кои најпогодени се најмалите.
-Ќе ја разгледаме состојбата, ние и досега редовно следиме што се случува со овие вирусни инфекции. Засега состојбата не е загрижувачка и е очекувана, но доколку има некои промени тогаш може и да има некои евентуални насоки, вели д-р Злате Мехмедовиќ портпарол на КЗБ.
Пред ковид пандемијата ретко се зборувало за видовите на вируси за разлика од сега кога најчесто користен збор од педијатрите е респираторниот синцицијален вирус кој веќе го тестираат и во Институтот за јавно здравје.
-Не се непознати, но сега повеќе се во израз, вели др. Мехмедовиќ.
Ставот на Комисијата за заразни болести е дека сегашната состојба е резултат на укинувањето на ковид мерките.
Во детската болница во Козле веќе четврта недела имаат исполнети капацитети и по 200 прегледи дневно.