Казни од 20 евра за граѓаните што не носат маски


Во следните седум дена Министерството за внатрешни работи, Државниот санитарен и Здравствен инспекторат, Државниот инспекторат за труд и Државниот пазарен инспекторат ќе даваат опомени, а потоа ќе почнат да казнуваат.

Казна од 20 евра е предвидена за граѓаните што ќе бидат затекнати на јавни површини без заштитна опрема како маска, марама или шал, со кои треба да го покријат лицето како превенција од ширење на ковид-19.За правните лица што нема да обезбедат заштитна опрема на своите вработени, пак, казната е 2 000 евра, а за одговорното лице во фирмата казната е 500 евра.

Ова се предвидува со Уредбата со законска сила што ја донесе Владата, а стапува во сила денеска.Според Уредбата, во првата недела надлежните органи ќе даваат опомени, а потоа и ќе казнуваат.

Под лична заштита на лицето се подразбира каква било форма на заштита која ги покрива пределот на носот и устата (респираторна маска ФФП2 или повисок стандард, хируршка маска за еднократна употреба, текстилна маска за повеќекратна употреба, свилена марама или шал, памучна марама или шал, бандана и слично.

Исклучок се оние лица што носат посебна лична заштита на лицето во рамки на извршувањето на нивните работни задачи, возат велосипед или индивидуално спортуваат на отворено, се движат на јавни места каде што може да се задржи минимално растојание од 2 метри, патуваат во автомобил со лицата со кои живеат или седат во својот двор.

Оваа уредба со законска сила се применува „до завршување на пандемијата со ковид-19 прогласена од Светската здравствена организација“.