Казнетите албански опозициски пратеници во собраниската зграда влегуваа преку прозорец, откако се судрија со гардистите


 Хаосот што минатата недела го направија албанските пратеници, најпрво со тепачка меѓу власта и опозицијата, а потоа и со превртување на столчињата и зачадување со пиротехнички средства на собраниската сала, денеска повторно, но сега пред влезот на објетот, дојде до судир меѓу опозициските пратеници и припадниците на националната гарда.

Имено, осум опозициски пратеници, меѓу кои и координаторот на пратеничката група, Газменд Барди, кои беа казнети со по десетдневно неприсуство на седници од страна на Советот за етика, се обидоа насилно да влезат во парламентот, каде парламентарната група требало да одржат седница, но беа спречени од гардистите, кои беа во поголем број.

Откако не успеаја да влезат преку влезната врата на Законодавниот дом, тие најдоа „алтернативен влез“. Така Фламур Нока, поранешен министер за внатрешни работи ја прескокна железната ограда, пет од нив влегоа преку прозорец кој им го отворија другите нивни сопартијци, меѓу нив и Сали Бериша, лидер на побројното крило на демократите „Обнова на ДП“, а не успеаја во намерата двајца пратеници.

Лидерот на „Обнова на ДП“ Сали Бериша, кој норалано влезе во зградата до новинарите се обрати од прозорец и меѓу другото рече дека „срамно е да се спречи да влезе во Законодавниот дом координаторот на пратеничката група Газменд Барди“.

-Опозиционерите нема да се повлечат. Тие што се таму се сите пратеници на Собранието на Албанија, пратеници со имунитет. Никогаш во историјата на парламентот на пратениците не им било забрането да влезат во парламентот. Стравот и паниката кои го зафатија Еди Рама го натераа да и нареди на Линда (Никола, претседателка на парламентот) да презема вакви најсрамни, незаконски дела. Ниту Лукашенко, ниту Путин никогаш не дале таква наредба. Ова е лицето на Еди Рама, ова е моралот на Еди Рама. Еве сме собрани. Ја продолжуваме нашата битка, обвини Бериша.

Инаку, 45 од вкупно 59 демократски пратеници, кои во два наврати го блокираа одржувањето на планарна седница, во четвртокот, повторно направија хаос. Откако претходно влегоа во салата, ги собраа сите столчиња, натрупувајќи ги пред собранискиот под, акција која беше придружена со директни конфликти меѓу нив и нивните колеги социјалисти.

И покрај тоа претседателката на Собранието, Никола одлучи Собранието да продолжи со работа, игнорирајќи го хаосот што го правеа пратениците на ДП. Додека таа зборуваше пратениците постојано удираа со рацете по масите, па дури и пуштија син чад. Пратениците на Социјалистичката партија останаа на нозе, изгласувајќи неколку предлог-закони кои беа на дневен ред.