Казната за пожарот во велешка Маслодајна е 100 илјади евра


Општинскиот инспекторат за животна средина по увидот на терен и согледувањето на фактите, утврдил дека пожарот во фабриката за масло „Благој Ѓорев“ во Велес на 20 минатиот месец избувнал сам, поради лесно запалив материјал (400 тони пелети од сончгледови лушпи), со што бил направен прекршок од трета категорија од Законот за заштита на животната средина.

Како што појасни за МИА велешкиот општински инспектор за заштита на животата средина Билјана Шуркова Мансакова, за овој прекршок од трета категорија според Законот за заштита на животната средина е предвидена казна од 100 илјади евра.

Таа информира дека постапката е во тек со сите засегнати страни, по што ќе се утврди што ќе се преземе против сторителот – Фабриката за масло „Благој Ѓорев“.

Поради пожарот, кој беше изгаснат со брза и правилна интервенција на ТППЕ Велес, но кој тлееше една недела, поради тешкиот со мирис густ црн чад се загадуваше воздухот во Велес и предизвикуваше големи проблеми по здравјето на граѓаните.

Пожарот според увидот избувнал самиот, но инспекторатот утврдил дека во силосот кој го зафати пожар, не работела сондата што ја мери температурата во силосот, а ако работеле навреме ќе се реагирало.

Претходно инспекторката Шуркова Манаскова веднаш по пожарот му посочила на раководниот тим на фабриката дека под итно треба да ги преземе неопходните мерки за заштита, бидејќи во непосредна близина се наоѓаат станбени згради и куќи, а тука е и општинската зграда.

Општинскиот инспекторат за животна средина, за овој пожар претходно веќе испрати писмено известување до сите надлежни иснспекции во државата, а кои исто така треба да направат увид и да преземат соодветни казнени мерки против загадувачот.