Казната намалена бидејќи Фросина поминала на црвено


Апелацискиот суд Скопје во врска со реакциите во јавноста по повод одлуката за студентката Фросина Цековска која беше прегазена на пешачки премин кај Универзална сала во април 2015 година ја информираше јавноста за околностите што влијаеле за донесување на неговата одлука во врска со овој предмет.

– При определување на видот и висината на казната советот судот ги имаше во предвид сите олеснителни и отежнувачки околности на страна на обвинетиот, признанието на вина и досегашната неосудуваност на обвинетиот, како и други околности конкретно наведени во писменото образложение на одлуката, а особено околностите под кои се случила сообраќајната незгода во која согласно приложеното вештачење е утврдено дека придонес, покрај обвинетиот кој го управувал возилото под дејство на алкохол од 1,13 промили и со брзина од 85 км/ч, има и оштетената која како пешак го минувала коловозот на запалено црвено светло за пешаци – велат од Апелација

– Со оглед на наведеното имајќи ја во предвид и судската пракса за ваков вид кривично правни настани, советот на овој суд го осуди обвинетиот на казна затвор од три години, а воедно му изрече и казна забрана за управување со моторно возило од Б категорија во период од една година – наведуваат од скопска Апелација.