Казалиште „Марин Држиќ“ од Дубровник утре гостува во МНТ со „Види како Локрум мие заби“


Македонскиот народен театар утре ќе биде домаќин на Казалиште „Марин Држиќ“ (КМД) од Дубровник, кое пред скопската публика ќе ја изведе претставата „Види како Локрум мие заби“, работена според драматизација на истоимениот роман на хрватската писателка Ивана Ловриќ-Јовиќ, во режија на Паоло Тишљариќ.

МНТ соопшти дека се работи за емотивна и длабоко интимна приказна која се одвива во текот на една ноќ – помеѓу моментот кога главната протагонистка ја дознава веста за смртта на својот татко и неизбежното соочување со загубата.

-Низ четири генерации жени од едно семејство, претставата ги истражува сеќавањата, тагата, љубовта и сложените семејни врски. Таа исто така говори и за начините како човекот се справува со болката и загубата, наведува МНТ во пресрет на гостувањето на театарот од Дубровник. 

Претставата е копродукција на Казалиште „Марин Држиќ“ и фестивалот Дубровнички летни игри, а драматизацијата е на Маријана Фумиќ. Во актерската екипа настапуваат: Марија Шегвиќ / Ирена Тереза Прпиќ, Сандра Лончариќ, Миреј Станиќ, Ања Матишиќ, Перица Мартиновиќ, Ника Ласиќ, Борис Матиќ и Бојан Берибака.

По премиерната изведба, претставата имаше голем број гостувања во Хрватска и во странство, настапувајќи на значајни фестивали и сцени во Босна и Херцеговина, Црна Гора и Турција.

-Македонскиот народен театар со особено задоволство ја продолжува меѓународната културна размена со еден од најзначајните хрватски театри. Ова гостување ќе биде уште една можност за зближување на уметниците и публиката преку театарската уметност, додава МНТ во соопштението.