Казахстан зафатен од големи протести поради поскапувањето на горивото

Претседателот Токаев воведе вонредна состојба во најголемиот град Алмати. Полицијата употребува шок гранати, демонстрантите во гнев палат полициски автомобили


Протестите се голем предизвик за властите (Фото: ТАСС)

 

Големи протести во Казахстан против поскапувањето на пропан-бутанот, главното гориво за автомобилите на многумина во земјата, ја преплавија целата земја, а вечерва дојде до судири со полицијата која употребила шок гранати. Новинарите известуваат дека почнал да се исклучува интернетот и дека биле блокирани независни медиуми

Од почетокот на годината цената на гасот се удвои на 120 тенге (0,24 евра) за литар, а протестите почнаа на 2 јануари, кои во следните денови се проширија во клучните градови во земјата. Властите денеска ветија дека ќе ги намалат цените на 50 тенге (0,10 евра), но демонстрациите не престанаа.

Вечерва во најголемиот град Алмати, кабелскиот и мобилниот интернет биле исклучени. Телокомите известуваат дека прекинот е поврзан со безбедноста и „од причини надвор од наша контрола“. Телеграм, WhatsApp и Сигнал не може да се користат на територијата на Казахстан од 22 часот, пишува „Новаја газета“.

Претседателот Касим-Жомарт Токаев им се обрати на неистомислениците, нудејќи им дијалог, повикувајќи ги да бидат разумни, да не подлегнуваат на провокациите „внатре и однадвор“ и уверуваше дека „власта нема да падне“. „Не следете ги повиците на деструктивни луѓе заинтересирани да ја нарушат стабилноста и единството на нашето општество“, рече Токаев.

Веднаш потоа претседателот Токаев потпиша указ за воведување вонредна состојба во Алмати и во регионот Мангистау, од каде започнаа протестите за гасот. Ова беше објавено на веб-страницата на претседателот.

Вонредната состојба ќе трае до 19 јануари. Казахстанските власти оваа одлука ја мотивираат со „обезбедување на јавната безбедност, враќање на законот и редот, заштита на правата и слободите на граѓаните“.

Ноќта меѓу 4 и 5 јануари, протестите поради цените на бензинот во земјата резултираа со големи судири меѓу граѓаните и безбедносните службеници во Алмати. Народот се собра на Плоштадот на Републиката, од каде безбедносните сили ги избркаа со шок гранати и солзавец. Како одговор, демонстрантите почнаа да кршат и палат полициски автомобили. Најмалку еден од нив експлодирал.

На социјалните мрежи се појавуваат видеа од очевидци од Алмати со цели колони запалени полициски автомобили. Според веб-страницата „Власт“, стотици демонстранти во текот на ноќта се враќаат на Плоштадот на Републиката, од каде што претходно беа потиснати од полицијата.

Од Министерството за енергетика објаснуваат дека секоја година расте потрошувачката на пробан-бутан, но не и обемот на неговото производство.

Имаше извештаи за протести и во градовите Актау, Атирау, Таразе, Актобе, Караганда, Уралск и Жанаозен, центар за рафинирање нафта што предизвика незадоволство.