Кавга во српската влада: Премиерката Брнабиќ бара казна за министерката Михајловиќ поради интервју во весникот „Нова“


 

Српската премиерка Ана Брнабиќ практично потврди дека има соодветни и неподобни медиуми за власта. Таа при гостувањето на телевизија Хепи оцени дека е нечовечка постапката на министерката за инфраструктура и транспорт Зорана Михајловиќ да даде интервју за весникот „Нова“, које опозициски медиум. На социјалните мрежи продолжија реакциите и осудите на останатите членови на партијата, а не им остана должна и самата министерка Михајловиќ.

„Некој кој е вицепремиер и во врвот на Српската напредна партија да даде интервју во ‘Нова С’ – медиум што е, мислам, директно во сопственост на Ѓилас… Едноставно не е фер кон оној за кого тој медиум зборува најлошо секој ден. Ова прашање ќе го покренам пред партијата. И мислам дека некои работи се црвени линии и некако не се човечки“, изјави Брнабиќ.

Раде Ѓуриќ од Независното здружение на новинарите на Србија  смета дека зборовите на Ана Брнабиќ се директен притисок врз медиумите кои критички известуваат за работата на владата и лоша порака до другите медиуми, но и порака од премиерката до партиски другари.

Претседателот на Извршниот одбор на СНС, Дарко Глишиќ, веднаш застана зад премиерката со порака – „не врне снег да го покрие брегот, туку секој ѕвер да си ја покаже својата трага“.

„Членовите на Српската напредна странка едвај чекаат да оценат секој од нас во партијата и со нетрпение го очекуваат тој момент. Што се однесува до оние кои би се препорачале за функцијата министер преку странските амбасади, веднаш можам да им кажам дека џабе трошеле на скапи подароци и свечени вечери со нивните екселенции“, рече Глишиќ.

Оваа постапка на премиерката само го продолжи трендот на односот на владејачката партија кон независните медиуми кои често се омаловажуваат и навредуваат на конференции.