Кавга меѓу „браќата“ во Европската народна партија: Ковачев му рече на Мицкоски дека „лаже“

Христијан Мицкоски и Андреј Ковачев на една од нивните средби. Со нив е и Тимчо Муцунски

Бугарскиот европратеник порачува дека во рамките на ЕПП ќе покрене расправа за однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ

 

Уште не беше пренесена во повеќето македонски медиуми изјавата на Христијан Мицкоски дадена денеска пред Владата, оти има „информација дека овој викенд се распарчува Македонија во Софија и се преговара за иднината на нашиот идентитет“, се огласи европаратеникот од ГЕРБ, Андреј Ковачев, обвинувајќи го лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дека лаже.

„Со своите лаги, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ја уништува европската иднина на македонските граѓани. Мицкоски лаже. Тој манипулира и лаже со секој збор што го зборува. Мицкоски се обидува да заработи некои политички дивиденди со измислиците што ги зборува. Неговото тврдење дека Бугарија сака да ја распарчи Македонија, со што ги плаши граѓаните, е апсолутна лага, измислица и глупост“, рече Ковачев во изјава за агенцијата Бгнес.

И двајцата, Ковачев и Мицкоски, преку нивните партии се дел од големото семејство на десничарските партии во рамките на Европската народна партија (ЕПП). Непишано правило во семејството на ЕПП е „сестринските“ партии (во овој случај ГЕРБ и ВМРО-ДПМНЕ) политички да си помагаат.  

Ковачев потсетува дека за време на конфликтот во 2001 година Бугарија стоела цврсто зад Македонија, поддржувајќи го нејзиниот територијален интегритет и суверенитет, а и дека била меѓу првите што го ратификуваше Протоколот за членство во НАТО.

Ковачев во изјавата вели дека Софија на никаков начин не го доведувала во прашање современиот македонски идентитет и „како луѓето таму денес го означуваат својот јазик“. „Единствено што сакаме е да се обединиме околу историската вистина, за да не нѐ разделува и да биде повод за омраза и поделба меѓу луѓето. Ова е длабоко европско барање, тоа е основа на Европската унија“, рече тој.

Според него, ништо не е изложено на ризик. „Во никој случај Бугарија не може да ги земе Гоце Делчев или Дамјан Груев од Македонија, зашто тоа е заедничка историја. Мицкоски директно се изјасни против договорите со Бугарија и Грција, да не се почитуваат. Тој се обидува да ја уништи европската иднина на македонските граѓани“, нагласи Ковачев.

Тој уште додава дека бидејќи „ВМРО-ДПМНЕ на Христијан Мицкоски е дел од Европската народна партија, не можеме да не го покренеме ова прашање заради неговите повици против Бугарија и да не се почитуваат договорите“. Ковачев е висок функционер во парламентарната група на ЕПП во Европскиот парламент, а е и потпретседател на Комитетот за надворешни работи.

Тој го обвинува Мицкоски и дека „продолжува со комунистичката идеологија и пропаганда на омраза кон Бугарија. Мицкоски продолжува да манипулира со историските факти, така што тие се насочени против бугарскиот народ, историјата и сè што е поврзано со Бугарија во Македонија. Ова е многу тажно и во никој случај не е во согласност со европските вредности. Тој не ги разбира европските вредности, јасно не разбира зошто Роберт Шуман и Жан Моне предложија обединување на нашиот континент по Втората светска војна, со цел да се надмине омразата, неединството и манипулациите, а не да се продолжи со нив. Вистината е спротивна на сè што рече Мицкоски. Омразата, лагата и неединството не се европски вредности“, реагира на говорот на Христијан Мицкоски европратеникот Андреј Ковачев. (Н.В.)