Кавани може да дебитира против ПСЖ


Новото засилување на Манчестер јунајтед, Единсон Кавани нема да може да дебитира за „црвените ѓаволи“ на следниот натпревар во лигата, на кој тимот гостува кај Њукасл. Причината за ова е што Уругваецот нема да може да избега од задолжителниот карантин од 14 дена на кој се подложени оние што влегуваат од Франција во Велика Британија.

Во принцип, има исклучок за елитните спортисти и тие се ослободени од задолжителна самоизолација, но Кавани нема да може да го искористи ова право, бидејќи е слободен агент веќе неколку месеци, тврди Скај Спорт. Ова значи дека на 17 октомври, кога ќе се игра натпреварот со Њукасл, напаѓачот сепак ќе биде во карантин.

Три дена подоцна, сепак, Манчестер Јунајтед гостува на поранешниот клуб на Кавани – Пари Сен Жермен во натпревар од првото коло во групната фаза од Лигата на шампионите.

Уругваецот ќе има право на настап на овој натпревар, но сигурно нема да биде целосно подготвен, бидејќи практично нема да тренира со своите нови соиграчи. Сепак, Оле Гунар Солскјер сигурно ќе го искористи фактот што Кавани исклучително добро го познава тимот на Томас Тухел.