Кавадарци се збратими со Буча
Кавадарци се збратими со украинскиот град Буча, познат по најголемите воени злосторства извршени за време на воената агресија од Русија на Украина.
-Денес започнуваме корисна и пријатна работа – збратимување помеѓу градовите Буча и Кавадарци . Буча се наоѓа во близина на главниот град на Украина – Киев. Од почетокот на март 2022 година беше под окупација на армијата на руската федерација, а беше ослободен на 31 март оваа година. Тој беше речиси уништен по руската окупација која траеше повеќе од 30 дена. Заклучно со денес се знае за повеќе од 400 загинати цивили во градот, но потрагата и ексхумацијата се уште се во тек, рече амбасадорката на Украина, Лариса Дир.
Според неа, Украина веќе се обратила до сите држави, вклучително и Северна Македонија, да го поддржат создавањето на Специјален меѓународен трибунал за истражување и изведување пред лицето на правдата за злосторствата.
Како и многу уништени и руинирани градови во Украина, таа рече дека Буча се обидува да оживее и да ја обнови уништената критична инфраструктура. Веќе има неколку проекти за економскиот, културен, образовен и туристички живот што ќе отвори нови можности за развој.
-Сигурна сум дека денешниот договор ќе стане нова алка во нашата соработка и ќе организираме уште многузаеднички проекти за нашите градови за заемно духовно збогатување. Би сакала искрено да ѝ се заблагодарам на Северна Македонија, вклучително и на Кавадарци, на градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев за исклучително важната помош за Украина. На почетокот на руската војна против Украина Кавадарци додели 600.000 денари помош за Украина. За нас ова е значајна помош, која конкретно дојде до некој во Украина како храна, лекови или основни производи. Ви благодарам што, и покрај тоа што сте оддалечени илјадници километри од борбената линија, жителите на кавадарската заедница отануваат со отворено срце за оние на кои им е потребна поддршка, рече амбасадорката.