Кавадарци испрати помош за поплавеното Кичево, во Сарај се мобилизираат
Општина Кавадарци испрати помош за граѓаните во Кичево по поплавите што зафатија повеќе објекти. На терен се упатени две противпожарни возила со шест пожарникари и шест пумпи, како и дополнителна опрема неопходна за испумпување на водата и санирање на последиците од поплавите.
„Солидарноста е нашата најголема сила – кога е најтешко, заедно сме на терен“, објави кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.
Со оваа интервенција, Кавадарци се приклучува кон активностите за поддршка на засегнатите семејства во Кичево, каде по обилните врнежи беа поплавени домови, дворови и инфраструктура.
Повеќе од 30 домови во скопската општина Сарај се поплавени поради што теренските екипи интензивно интервенираат. Таму градоначалникот Мухамед Елмази објави дека во кризниот штаб се ангажирани Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи, противпожарните единици од Тетово, Противпожарната бригада на Градот Скопје, екипи од Општина Ѓорче Петров, НПК Сарај, како и полициската единица Сарај.
„Искрено им се заблагодаруваме на сите институции и тимови за нивниот професионален, посветен и солиден ангажман во справувањето со оваа ситуација. За време на состанокот беа дискутирани понатамошните чекори што треба да се преземат за целосно санирање на последиците, поддршка на погодените семејства и превентивни мерки за избегнување слични ситуации во иднина.
Надлежните институции и служби остануваат во целосна готовност и ќе продолжиме да ги информираме граѓаните за сите нови случувања“, објави Елмази.