Кавадарчанец починал по пад од тераса на Дигестивна хирургија, надлежните четири дена молчеле


Фото: Б. Грданоски

Кавадарчанец на возраст од 72 години, починал на КАРИЛ, откако од терасата од третиот кат на Дигестивната хирургија паднал на вториот кат, јави „Канал 5“.

Несреќата се случила во неделата вечерта околу три часот по полноќ, а ден претходно бил опериран од жолчка и во понеделникот требало да си замине дома. Кога пристигнал неговиот син да го земе, докторот му ја раскажал случката.

Роднините бараат одговорност за трагедијата.

„Мора да се испита тоа, како паднал, како дошол до шок-соба во КАРИЛ, како дошло до смртта, мора да видиме. Туку-така наеднаш ни кажаа: паднал од два метра,дека треба да го земам, одам на КАРИЛ, ми кажуваат дека паднал од трети на втори и дека умрел“, вели роднина на починатиот во изјава за телевизијата „Канал 5“.

Нема одговор ниту на прашањето зошто надлежните во Клиничкиот центар не ја известиле јавноста за случајот. За смртта на пациентот не извести ниту МВР во редовните полициски билтени изминатите денови.

Телото е предадено на обудукција во судска медицина, каде треба да се потврди причината за смртта.

За смртта на кавадарчанецот Клиниката не ја извести јавноста, а случајот не фигурира ни во билтенот на МВР, иако од тогаш поминаа четири дена.