Кавадарчанец доби седумка на лото, добивката половина милион евра


Кавадарчанец е добитник на речиси 500.000 евра откако ги погоди сите седум бројки во 5-тото коло на Лото7 што е најголемата лото-премија во историјата на Државна лотарија.
Извлечените броевите 9, 11, 13, 21, 23, 25, 32 донесоа седумка вредна 29.293.930 денари.
„Ова е до сега најголемата лото премија во историјата на Државна лотарија. Седумката во своите досегашни посети, беше по еднаш  во Свети Николе, Неготино, Тетово и Струмица, два пати во Куманово, четири пати во Битола и единаесет пати во Скопје. Мапата на среќни добитници на седумка се збогати со нов град каде од денес е поголема вербата во среќата“, велат од Државна лотарија.
„Во очекување да го запознаеме среќниот добитник, со надеж за негова скора посета на нашите простории, ви пренесуваме податоци од системот, според кои среќниот добитник уплатил пет комбинации Лото 7, од кои добитна е третата. Уплатата со вкупна вредност од 100 денари, ја извршил на 6ти мај, во понеделник, во продажното место Браво Нутс, во близина на старата автобуска станица во Кавадарци.
Очекуваме повеќе интересни податоци од средбата со добитникот“, додаваат од Лотарија.