„Каубоецот“ од Струга што уби седум кучиња повикан во полиција


Тој се сомничи дека на 10 јануари во рок од половина час (од 6:45 до 7:15 часот) со својата пушка усмртил седум кучиња скитници, информираа денеска од СВР Охрид преку писмено соопштение

Во меѓувреме, здружението за заштита на животните, „Анима мунди“ заедно со останатите здруженија од овој тип, како и независните активисти и љубители на животни, денеска упатија отворено писмо до министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, откако, како што посочија, за помалку од 24 часа во Струга се убиени повеќе од дваесетина бездомни кучиња
Шеесет и двегодишник со иницијали М.З. од струшкото село Ливада вчера бил повикан на службен разговор во Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга. Тој се сомничи дека на 10 јануари во рок од половина час (од 6:45 до 7:15 часот) со својата пушка усмртил седум кучиња скитници, информираа денеска од СВР Охрид преку писмено соопштение.

„Од него, одземена е ловечка пушка сачмарка калибар 16 милиметри за вештачење. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава“, се додава во соопштението на СВР Охрид.

Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ вчера информирше дека во Струга се убиени десетици маалски бездомни кучиња, а во  видеоснимката  се гледаат трупови на убиени кучиња натоварени на камион. Жителите на Струга, додаваат оттаму, и денеска се разбудија со истрели, а тоа, според нив, значи дека убијците на животните нема да сопрат со своите намери.

Поради тоа, „Анима мунди“ заедно со останатите здруженија од овој тип, како и независните активисти и љубители на животни, денеска упатија отворено писмо до министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, откако, како што посочија, за помалку од 24 часа во Струга се убиени повеќе од дваесетина бездомни кучиња.

„Полициските службеници при увид одбиле да повикаат јавен обвинител и одбиле да ги пратат лешевите на обдукција бидејќи била скапа. При обдукцијата во ветеринарна станица во Битола, СВР Битола одбил да го преземе доказниот материјал – куршумите бидејќи не било нивна работа. Како МВР планира да открие кои се каубојците во Струга кои искористиле цел арсенал муниција од кои седум куршуми во едно куче?“, наведуваат од „Анима мунди“ во писмото до Спасовски.