Катругалос: ЕУ да ја цени и политичката волја покажана со Договорот од Преспа


Немаме право да бараме спроведување на радикални реформи, почитување на европското законодавство, а потоа да се повлекуваме без причина, бидејќи тоа може да има значајни последици и за регионот и за Европа, вели министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос во интервјуто за весникот „Авги“. Тој додава дека ЕУ треба да ги почитува и внатрешните реформи и покажаната политичка волја преку Договорот од Преспа.

На прашањето дека Германија до есен ја замрзна поканата за почеток на пристапни преговори со Албанија и Северна Македонија, Катругалос одговара дека можноста е сѐ уште отворена и повторува дека Грција ја поддржува европската перспектива на двете земји, доколку се исполнети поставените предуслови на ЕУ кои важат за сите земји кандидати, јави дописничката на МИА од Атина.

-Особено во однос Северна Македонија, треба да се цени не само тоа што одговори на барањата за неопходните внатрешни реформи, туку и политичката волја за решавање на споровите со соседите што ја покажа со Договорот од Преспа. Промена на ставот од страна на Европејците би било удар за кредибилитетот на ЕУ. Немаме право да бараме спроведување на радикални реформи и почитување на европското законодавство, а потоа да се повлекуваме без причина, бидејќи тоа може да има значајни последици не само за регионот, туку за Европа во целост, вели Катругалос за „Авги“.