„Катимерини“: Спорот на Македонија со Бугарија се сели во НАТО


Инсистирањето на Бугарија да ги блокира разговорите за пристапување во ЕУ со Северна Македонија ризикува да создаде нова пукнатина во југоисточното крило на НАТО. Две од земјите-членки, Грција и Турција, веќе се длабоко поделени. Се чини дека сега ќе се појават конфликти уште меѓу две земји поради двовековен етнички спор, пишува Ставрос Цимас во својата анализа за „Катимерини“.

И Бугарија и Северна Македонија се клучни членки на Алијансата во регионот. Бугарија заради нејзината улога како надзорник на Црното Море и јужниот дел на Русија, а Северна Македонија како тампон зона против понатамошно руско влијание во срцето на Балканот. И двете земји многу силно ги чувствуваат ефектите од американско-рускиот конфликт на влијание, додава аналитичарот.

Сепак, се чини дека НАТО не е загрижен за ривалството на релација Софија-Скопје, гледајќи на него како на европско прашање што треба да го решат земјите-членки на ЕУ. Приговорите на Бугарија за пристапот на Северна Македонија во ЕУ не произлегуваат од непочитување на пристапните критериуми, како што е потребата за зајакнување на демократијата и борба против корупцијата. Наместо тоа, тие се поттикнати од историски тврдења кои го вжештуваат национализмот во обете земји и во одреден момент спорот ќе има влијание врз НАТО, освен ако во меѓувреме не се решат разликите, се додава во текстот објавен во „Катимерини“.

Антибугарското расположение во Северна Македонија се интензивираше со благослов на политичкото раководство и медиумите, а позицијата на Скопје кон Софија станува се поагресивна. Индикативно е одбивањето на барањето на Софија да учествува во воздушната заштита на НАТО во Северна Македонија, како и повлекувањето од проектот за бугарската нуклеарна централа Белене. Наместо тоа, избраа да го поддржат проектот за природен гас во северното грчко пристаниште Александрополис, стои во анализата.

Во меѓувреме, Бугарија се подготвува за избори на пролет, а политичката елите главно се потпира на националистичкото расположение, обидувајќи се да формира нова балканска агенда инспирирана од Отоманската империја и големите аспирации од 19 век, обвинувајќи ги своите балкански браќа за отстапување од вистинскиот пат, заклучува Ставрос Цимас во анализата.