„Катимерини“: Брз развој на односите на Грција со Северна Македонија


Бујар Османи вчера беше примен од целиот државен врв на Грција: од средбата со Никос Дендиас (Фото: Интиме њуз)

Влијателниот грчки весник „Катимерини“ во денешното издание наведува дека посетата на македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи, на Атина го истакнала брзиот развој на односите меѓу двете земји.

„Посетата на Османи на Атина се случи додека односите со Скопје изгледа дека брзо се развиваат. Пред неколку дена, офицерите на грчките вооружени сили беа во Скопје, што е знак на решеноста на Атина да го промовира процесот на стандардизација на армијата на Северна Македонија во согласност со нормите на НАТО. Во исто време, Атина е еден од најогнените поддржувачи на европската перспектива на Северна Македонија, но и на Албанија. Пристапувањето на овие земји во ЕУ ќе ја намали нестабилноста на Турција, но и нејзиното влијание на Западен Балкан, а особено во Албанија, каде што се забрзува промовирањето на исламот поттикнато од Анкара“, пишува „Катимерини“.

Според весникот, на сите средби што Османи ги имаше во Атина (со претседателката, премиерот, министерот за надворешни работи и алтернативниот шеф на дипломатијата) му било нагласено дека Преспанскиот договор мора целосно да се спроведе.

„Вчера Дендиас му укажа на Османи дека Грција може да биде ‘најдобриот сојузник и пријател’ на Северна Македонија. Министерот за надворешни работи остави јасни совети за дестабилизирачкото влијание што Турција сака да го има на Западен Балкан, без да ја именува. Како што рече Дендиас, ‘ЕУ има обврска да ја задржи политиката на проширување на маса. Ние мора да обезбедиме поттик за оние кои сакаат да бидат дел од нашето европско семејство’. Тој истакна дека ‘не можеме дозволи создавање вакуум на стабилност во нашиот регион’“, нагласува „Катимерини“ дел од изјавата на Никос Дендиас.

Според „Катимерини“ на Грција ѝ било особено важно што Македонија го услогласила својот став за санкциите кон Турција со оној на ЕУ. „Овој факт е особено забележан и ценет од Грција“, рече Дендиас.