„Катимерини“: Атина нема да блокира, но ќе бара строго спроведување на Договорот од Преспа

Грција – Грчката страна нема да каже „не“ на никој (Северна Македонија, Албанија), но ќе постави свои услови, рекол за весникот „Катимерини“, „извор што има пристап до премиерската палата“ во однос на европската перспектива на Скопје и Тирана и можноста за добивање датум за почнување пристапни преговори со ЕУ во октомври.

Грчкиот весник во текстот под наслов „Кон Брисел само преку Атина“, анализира дека доколку не се случи нешто непредвидливо, тогаш „Атина нема да биде пречка за пристапниот процес на соседните земји“, но ќе постави услови и ќе побара нешто во замена.

– За Северна Македонија, според информациите, ќе побара строго спроведување на Договорот од Преспа, а веројатно и некои уверувања од Берлин за олабавување на суфицитот како „возвратен подарок“, а од Албанија гаранции за строго почитување на предвиденото од меѓународните договори и стандарди за заштита на малцинските права на тамошниот хеленизам. Погледот на Скопје и Тирана веќе е насочен кон Атина, очекувајќи од новата влада да ги отвори нејзините карти во пресрет на самитот во октомври, пишува „Катимерини“.

Во однос на проширувањето на ЕУ, весникот коментира дека Европејците се поделени меѓу оние кои сакаат (Германија, Италија, ЕК, земји членки од источниот блок) Западен Балкан да биде дел од ЕУ и другите (Франција, Холандија, Данска и др.) кои инсистираат на тоа дека „не треба да им се даваат ни надежи“.

-Опциите за самитот во октомври, според информации од Брисел, во врска со почетокот на пристапни преговори за двете земји, се следните две: ново одложување на дискусијата за подоцна или разделување, да се задоволи барањето на Северна Македонија, а тоа за Албанија да се одложи за подоцна. И едната и другата опција ќе имаат цена, пишува грчкиот весник.