Катица не се гледа со Боки 13, но и со оние што ги притвори

Катица Јанева вчера за кратко го напушти истражниот затвор во Шутка каде што доби триесетдневен престој поради вмешаност во случајот „Рекет“. Со полициска придружба, беше однесена во родната Гевгелија каде што се вршеше погреб на нејзината мајка, која почина дента кога ќерка ѝ беше уапсена. Јанева стигнала само до капелата. Според информациите, таму ѝ се слошило, поради што не отиде на гробиштата за последен пат да се прости од мајка си. Поради строгите затворски правила, не ѝ било дозволено да контактира со роднините. Со полициското возило, веднаш беше вратена во скопскиот затвор.

Информациите од казнената установа во Шутка говорат дека специјалната обвинителка е во добра здравствена состојба и редовно ја добива пропишаната терапија. Имајќи предвид дека станува збор за обвинител што до вчера водеше битка против криминалци од најнизок до највисок ранг, притоа не мислејќи само на кариерата откако е на чело на СЈО, во затворот за неа се предвидени посебни безбедносни мерки.

„Направена е безбедносна проценка и таа е сместена во соодветна ќелија. Внимаваме да не биде во контакт со другите обвинети од случајот ‘Рекет’, но и со евентуално други затвореници што можеби сакаат да ѝ се одмаздат. Вообичаено, притворениците не одат сами во соба, туку имаат цимер“, велат извори од затворот во населбата Шуто Оризари.

Според нив, Јанева е сместена во женскиот оддел на првиот кат од затворската зграда. Условите од женскиот дел во затворот се за нијанса подобри отколку во машкиот, но и натаму се далеку од просекот што важи во европските држави.

Интересно, за Јанева немаше место во хашките ќелии, кои важат за убедливо најдобри во затворот, направени според препораките од Европската Унија. Таквата одлука, според неофицијалните информации, е донесена поради тоа што таму е сместен Бојан Јовановски, кој е првоосомничен во случајот „Рекет“, па превентивно е делувано за да нема блиски контакти меѓу Боки 13 и Јанева кои, според снимките што ги слушнавме, се во идилични пријателски односи.

Пред речиси еден месец, јавноста можеше да види дека во една од ќелиите во Шутка нацртани се силуетите на Јанева и на пејачката Рита Ора. Затоа, во затворот се внимава и обвинителката да не биде мета на провокации кај другите притвореници и затвореници.

Според степенот на обезбедување, степенот на ограничување на слободата и видовите на третман што се применуваат кон осудените лица, затворот „Скопје“ е казнено-поправна установа од полуотворен вид во која основното обезбедување е физичкото што го остваруваат припадниците на секторот за обезбедување.

Казната тука ја издржуваат мажи осудени на казна затвор до три години, како и рецидивисти осудени со правосилна пресуда до шест месеци.

Во затворот се наоѓа најголемото и најобезбеденото притворско одделение во кое се извршува мерката притвор изречена кон машки и женски лица од целата територија на земјава, на кои им се заканува казна над десет години.

Според условите, притворското одделение во Шутка не може да се пофали со почитување на човековите права согласно Европската конвенција за превенција на тортура и нечовечно или понижувачко постапување. Понижувањето на притворениците во однос на сместувањето е еднакво како да си осуден и казнет со тоа што си сместен во тоа одделение. Ќелиите во тој дел не се реновирани откако е изграден затворот, односно од 1968 година, освен неколку соби кои се бојадисани и малку санирани големите оштетувања.

Горан Адамовски

Фото: Борис Грданоски