Катица Јанева влезе на распит со адвокат


Фото: Б. Грданоски
Специјалната јавна обвинителка дојде на распит во обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, во придружба со адвокатот Стеван Павлески.
Пред да влезе даде кратка изјава, но не одговори на клучните прашања и не кажа зошто единствено таа доаѓа на распит со адвокат.
– Јас сум сѐ уште специјален јавен обвинител. Моите колеги имаат целосно овластување да ги застапуваат предмети те пред суд. Се надевам дека ќе имаме повеќе разрешници оваа есен. Се надевам дека со моите аргументи и со мојата изјава ќе ја забрзам истрагата – рече кусо Јанева.

 

Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева по еден месец од нејзината оставка и нејзината вмешаност во аферата „Рекет“, утрово се појави во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција каде ќе се соочи со обвинителката која го води случајот, Вилма Русковска.

Таа треба да ја објасни својата улога во случајот „Рекет“ и  зошто контактирала со осомничениот Бојан Јовановски и со бизнисменот Орце Камчев, на кого во снимките му вели дека „сѐ ќе биде ок“. Јанева и во официјална изјава и неофицијално пред колегите тврди дека била злоупотребена и дека не зела никакви пари, а целта со Камчев и била да го обезбеди како сведок за некоја нова предистрага.

Досега во Обвинителството искази дадоа специјалните обвинители Лиле Стефанова, Елизабета Јосифоска и Бурим Рустеми, а вчера на распит во ООК беше донесен второосмничениот Зоран Милески – Кичеец, како и пензионерката Лилјана Тодоровски, која е потписничка на проектот за европски центар на Меѓународниот сојуз на Бојан Јовановски – Боки 13.

Јавниот обвинител Љубомир Јовески најави дека инволвираните во случајот „Рекет“ ќе бидат неселективно сослушани или распитани.(Ф.Ф.С.)