Катица Јанева влезе на распит со адвокат

Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева по еден месец од нејзината оставка и нејзината вмешаност во аферата „Рекет“, утрово се појави во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција каде ќе се соочи со обвинителката која го води случајот, Вилма Русковска.
Таа треба да ја објасни својата улога во случајот „Рекет“ и зошто контактирала со осомничениот Бојан Јовановски и со бизнисменот Орце Камчев, на кого во снимките му вели дека „сѐ ќе биде ок“. Јанева и во официјална изјава и неофицијално пред колегите тврди дека била злоупотребена и дека не зела никакви пари, а целта со Камчев и била да го обезбеди како сведок за некоја нова предистрага.
Досега во Обвинителството искази дадоа специјалните обвинители Лиле Стефанова, Елизабета Јосифоска и Бурим Рустеми, а вчера на распит во ООК беше донесен второосмничениот Зоран Милески – Кичеец, како и пензионерката Лилјана Тодоровски, која е потписничка на проектот за европски центар на Меѓународниот сојуз на Бојан Јовановски – Боки 13.
Јавниот обвинител Љубомир Јовески најави дека инволвираните во случајот „Рекет“ ќе бидат неселективно сослушани или распитани.(Ф.Ф.С.)