Катица Јанева се разболела


Специјалната јавна обвинителка во оставка, Катица Јанева, пред два дена, односно на 16 јули, отворила боледување, потврдуваат од Специјалното јавно обвинителство.

Оттаму не сакаат да откријат каква дијагноза има Јанева и врз основа на каква документација го отворила боледувањето.

Специјалната јавна обвинителка во понеделникот на јавноста и соопшти дека поднесува оставка, но формално таа останува на чело на институцијата додека не биде избран нејзин наследник. Боледувањето Јанева фактички го отворила еден ден по нејзината оставка и отворањето на истрагата која треба да докаже дали била злоупотребена или вмешана во рекет.

Во исто време кога се дозна за нејзината оставка, беше уапсен менаџерот на 1 ТВ, Бојан Јовановски под сомнение дека зел 1,5 милион евра рекет од бизнисменот Орце Камчев, со ветување дека ќе издејствува кај Јанева да се запре истражната постапка за „Империја“ која ја води СЈО против него.

Јанева веќе трет ден не се појавува на работа, а нејзина замена се обвинителките, Ленче Ристоска и Елизабета Јосифовска. (Ф.Ф.С.)