Катица Јанева се разболе и ја снема – никој не ја следи


Фото: Б.Грданоски

Никој не знае каде е специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, а ниту една институција не го следи нејзиното движење.

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција не побарало никакви мерки за Јанева бидејќи сè уште собира докази кои треба да го дадат клучниот одговор – дали специјалната јавна обвинителка е злоупотребена или вмешана во рекетарскиот скандал. Од Министерството за внатрешни работи велат дека без судски налог тие никого не можат да следат.

Јанева ја потпиша оставката за која ги извести своите колеги непосредно пред да ја објави и оттогаш ѝ се губи секаква трага. Три дена воопшто се нема појавено во институцијата, која формално сè уште ја води сè до изборот на нејзин наследник.

Нејзините колеги тврдат дека никој не се слушнал со неа, а вчера официјално соопштија дека пред три дена, односно на 16 јули, отворила боледување. Сепак, нема информација каква дијагноза има Јанева и врз основа на каква документација го отворила боледувањето.

Специјалната јавна обвинителка фактички се разболела еден ден откако даде оставка и еден ден по апсењето на менаџерот на 1ТВ, Бојан Јовановски, кој заврши во Шутка за изнудување рекет. Нејзината вина сè уште не е докажана, но сомнежите дека и таа можеби учествувала во овој скандал ја „закопаа“ довчерашната обвинителка која беше симбол за правда.

Ударот што ѝ го зададе истрагата на Јанева, опозицијата го дочека со „добредојде“ и секој ден брои колку денови обвинителката не отишла на работа.

„Платата тешка илјадници евра ѝ стигнува на сметка, а неа ја нема. Кружат информации дека заминала од Македонија. Ова сигурно не е право и правна држава. Наместо да одговара пред законите, таа продолжува да ги влече конците, да овластува обвинители и да потпишува акти на СЈО. Станува сè поочигледно дека Македонија ја владее криминална банда која создаде нов рекетарски-судско-политичко-медиумски октопод. Пипците на овој октопод допираат до секоја пора во државата, а главата на овој октопод е највисокиот државен врв“, обвинуваат од партијата чии функционери се главни осомничени во истрагите на СЈО.

Оставката на Јанева и апсењето на Јовановски се случија во ист ден кога почна и судската ферија. Во петокот, на 12 април, беше одржано последното рочиште во Кривичниот суд за предметот „Шпион“. Специјалното јавно обвинителство на својата веб-страница ги соопштува термините за своите судења однапред, но најави за нови засега нема. По завршувањето на судската ферија на 15 август ќе биде појасно дали предметите ќе продолжат.

Во Специјалното јавно обвинителство се одржуваат колегиуми и без Јанева, а вработените коментираат дека иако нема судења и иднината на институцијата е неизвесна, сите ги вршат тековните обврски. Дел од обвинителите, меѓу кои и Фатиме Фетаи, вестите за случувањата ги затекнаа на годишен одмор.

Од Кривичниот суд, каде што се водат сите почнати предмети на обвинителството, нема коментар за најновите случувања поврзани со ова обвинителство.

Неофицијално велат дека предметите во судот ќе се водат сè додека има овластен тужител.

Еден ден по оставката на нивната шефица и сомнежот што надвисна над неа, обвинителите од Специјалното јавно обвинителство излегоа во јавноста и се оградија од неа, но и порачаа дека СЈО не е само Катица Јанева. Обвинителката Ристоска порача дека сите овие случувања нема да влијаат на нивните предмети.

„Стоиме зад работата што досега е завршена, ве уверувам дека сите предмети по кои се постапува се професионално водени и не се загрозени постапките. Наш примарен интерес е зачувување на интегритетот на СЈО и секогаш сме постапувале на ниво на задачата за справување со криминалот. Внимателно го следиме сите случувања и сме подеднакво загрижени, но истовремено повикуваме да се почитува пресумпцијата на невиност. Сите ве уверувам дека дејствијата на поединци не ги отсликуваат сите во СЈО и не смее да ги доведат под прашање интегритетот и постапките што се видени досега“, порача Ристоска.

Иако Обвинителството не ја исклучува можноста истрагата да биде проширена, сепак оттаму велат дека засега нема нови моменти. Премиерот Зоран Заев завчера рече дека рекетираните бизнисмени се жалеле лично кај него и лично тој прв го пријавил рекетот.

Засега за овој случај единствено осомничени остануваат Боки 13 и Зоран Милески-Кичеец кои се во притвор во Шутка. Нови бизнисмени кои пријавиле рекет нема, а доказите, меѓу кои и телефонот на Јанева, допрва ќе се вештачат.

И покрај огромниот број шпекулации, потврдено е само дека Боки 13 зел 1,5 милион евра рекет од бизнисменот Орце Камчев и му ветил дека ќе ја искористи својата блискост со Јанева и ќе влијае да биде запрена истрагата „Империја“ која ја отвори СЈО против него.

Телевизијата каде што неформален сопственик е Јовановски сè уште функционира, иако повеќето од познатите новинарски имиња го напуштија медиумот.

Здружението на новинарите реагира дека последниот случај отвора сомнеж за сериозна злоупотреба на медиумите на сметка на лично богатење на поединци. (Ф.Ф.С.)