Катица Јанева наредила „форензичко бришење“ на компјутерите во СЈО


Фото: Б. Грданоски

Специјалната јавна обвинителка во оставка, Катица Јанева побарала од вработените во ИТ-секторот да спроведат т.н. „форензичко бришење“ на компјутерите во Специјалното јавно обвинителство, јавува „360 Степени“ повикувајќи се на извори во СЈО. Наредбата од Јанева била дадено усно и, според изворите на „360 Степени“, веќе биле преземени подготвителни активности за да се спроведе. Постапката требало да ги опфати сите компјутери во ова обвинителство.

Барањето за бришење на компјутерите се случува во период во кој ОЈО за гонење организиран криминал и корупција води истрага во случајот „Рекет“ во кој засега не е осомничена, но е имплицирана и шефицата на СЈО, Катица Јанева. Иако постапката на „форензичко бришење“ нема да ги загрози документите што постојат во компјутерскиот систем на СЈО, сепак, неповратно ќе ги избрише податоците за тоа на кој компјутер, во кое време, од кое лице, што било работено.