Катица Јанева го тужи Боки 13


Катица Јанева поднела кривична пријава против Бојан Јовановски, попознат како Боки 13, затоа што неовластено ја снимал. Јанева пријавата за Боки 1,3 кој заедно со неа е обвинет во случајот „Рекет“, ја подготвила пред два месеца. Ова беше дел од дополнителните докази на поранешната шефица на СЈО доставени на денешното судење за „Рекет“.

Адвокатите на Јанева негодуваа бидејќи им се одбиени 16 – те аудио снимки со гласот на Орце Камчев кои беа објавени на Јутјуб веднаш по стартот на судскиот процес „Рекет“. Обвинителството веќе петти месец истражува кој ги објавил. На денешното судење за „Рекет“ беа одбиени и доказите што дополнително ги доставија адвокатите на Боки 13. Образложението на судијката Васка Николовска Масевска е дека тоа можеше да се направи пред почетокот на судењето, бидејќи новите не се произлезени од досегашните изведени докази презентирани пред судот.

Судењето за „Рекет“ продолжува за два дена. Збор ќе имаат двајцата обвинети Бојан Јовановски и Катица Јанева. Тие ќе можат да ја дадат својата одбрана во кривичните дела – примање награда за противзаконито влијание и перење пари, односно за злоупотреба на службената положба и овласувања. Со ова самото судење влагува во финиш.