Катица Јанева дојде во СЈО


По повеќе од една недела јавна потера, специјалната јавна обвинителка Катица Јанева дојде во Специјалното јавно обвинителство.

Јанева, која даде оставка на функцијата, денеска се појави во просториите на Специјалното јавно обвинителство.

Нема информации зошто Јанева дошла во СЈО. Таа од минатиот вторник беше на боледување, откако во понеделникот си даде оставка на функцијата. Од тогаш не беше достапна за јавноста.

Извори од СЈО велат дека никој од обвинителството не очекувал шефицата да се појави и сите биле затечени од нејзиното присуство.

Неизвесно е дали обвинителката ќе даде изјава за медиумите и конечно ќе се појави во јавноста откако си даде оставка и обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција отвори истрага „Рекет“ во која е вмешана и Јанева.

Јанева се поврзува со случајот „Рекет“ поради што и беше одземен телефонот и даден на вештачење. Јавното обвинителство соопшти дека вчера бил пронајден и одземен и вториот нејзин телефон за кој се тврдеше дека е загубен. Пронајден е кај лице кое изјавило дека му бил даден на подарок.