Катица Јанева денеска дава исказ за „Рекет“


Во Кривичниот суд во Скопје денеска треба да се одржи ново рочиште за предметот „Рекет“ во кој исказ треба да даде обвинетата поранешна специјална обвинителка Катица Јанева.

На вчерашното рочиште за предметот исказ даваше обвинетиот Бојан Јовановски, познат како Боки 13.

Обвинителството за борба против организираниот криминал и корупција во случајот „Рекет“ ги обвини Боки 13 и Катица Јанева дека со умисла го рекетирале бизнисменот Јордан Камчев (обвинет во предметот „Империја”) за да му се укине мерката притвор во предметот „Империја“.

Третообвинетиот Зоран Милевски-Кичеец, пак, на првото рочиште за „Рекет“, што се одржа во декември, призна вина за делото „примање награда за противзаконито влијание“, по што беше осуден на три години затвор. На Милевски пред неколку недели му беше укинат и куќниот притвор.