Катица го закопа и новото СЈО?


Следната недела ќе има нова средба меѓу работните групи на власта и на опозицијата за да се испеглаат разликите околу законот за обвинителство. По паузата поради летните одмори, претставниците на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ повторно ќе седнат на маса, но сега во уште потешка политичка атмосфера отколку пред дваесетина дена. Аферата „Рекет“ и улогата на специјалната обвинителка, Катица Јанева во целиот случај дополнително го искомплицира процесот, па станува јасно оти дури и нејзиното повлекување од новиот закон и од функцијата во Републичкото јавно обвинителство по оставката во СЈО, ќе биде недоволен маневар да се постигне договор.Во владејачката партија велат дека изминатиов период немало никакво помрднување на ставовите, но подготвени се да преговараат за сите забелешки на опозицијата за предложениот текст на законот, па и за иднината на Јанева.

„Ќе се видиме со колегите од ВМРО-ДПМНЕ, па ќе разговараме дали и каде може да се најдеме. Новиот закон за обвинителство, кој што ја одредува и иднината на СЈО, можеби не е клучен за добивањето датум за преговори со Европската унија што се надеваме ќе се случи во октомври, но е исклучително битен за борбата против високата корупција и организираниот криминал. Такви пораки добиваме секојдневно од нашите партнери во меѓународната заедница, веруваме оти тоа го знаат и во ВМРО-ДПМНЕ и ќе успееме да го протуркаме законот“, велат од СДСМ.

Но, во најголемата опозициска партија велат оти  последните настани и снимките што излегоа со гласот на Катица Јанева во разговорите со Орце Камчев потврдиле оти законот каков што го предлага владата не смее да помине.

„Замислете, во едно од од решенијата на законот на СДСМ се предлага Јанева да биде префрлена во државното јавно обвинителство. Да бевме правна држава барем малку, таа одамна ќе беше во притвор. И не само таа, туку и други нејзини колеги и колешки од СЈО. Токму затоа рековме никој од обвинителите и другите вработени во СЈО не може по закон автоматски да биде префрлен во новиот оддел во Обвинителството за гонење висока корупција и организиран криминал. Таму секој со секого е роднина, вработени се луѓе на СДСМ. Нека се пријават на конкурс, па да видиме дали ќе ги изберат“, децидни се во ВМРО-ДПМНЕ.

Ќе има ли двотретинско мнозинство

Предлогот на опозицијата е обвинителите од СЈО да се вратат во обвинителствата од каде што биле трансферирани во СЈО, сите предмети на СЈО да бидат преземени од државното обвинителство и да се воспостави финансиска независност не само на новото, туку на целото обвинителство.

СДСМ смета дека клучот се крие во тоа што ВМРО-ДПМНЕ сака со тоа што СЈО ќе остане без предметите, кои би се префрлиле во државното обвинителство, да им стави крај на сите случаи против нивните поранешни и сегашни партиски функционери.Претпоставка е дека ќе помине време и време додека се прераспоредат предметите кај нови обвинители, па да ги проучат, па да почне процесот…

Да се најде лек за СЈО, макар и без Катица Јанева е пораката што пристигнува и од Брисел и од Вашингтон. Амбасадорите во земјата на највлијателните земји во светот упатуваат идентични пораки, а сличното го повтори  и претседателот Стево Пендаровски.

„Еден обвинител не може да го доведе во прашање трудот на целото СЈО. Не се сите обвинители и судии корумпирани. Најголемиот дел се доблесни професионалци со кредибилитет“, рече Пендаровски.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери ја закажа собраниската седница на 27 август и тогаш ќе се разговара за законот што го предложи владата. Тоа ќе биде прва парламентарна средба по едномесечниот одмор на пратениците. Џафери изрази надеж оти дотогаш ќе има договор меѓу власта и опозицијата. Премиерот Зоран Заев најави дека доколку не дојде до компромис до почетокот на септември, ќе примени други непопуларни мерки без да напомене какви.

„Мисли дека до двотретинско мнозинство ќе стигне со поткуп и со притисоци како што направи за името. Сега не е во услови ниту да диктира, ниту да заплашува. Нема да има 80 пратеници без да ги прифати нашите забелешки“, сигурни се во опозицијата.

Според текстот на предложениот закон, СЈО ќе се спои со досегашното Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и ќе се формира ново ЈО за гонење организиран криминал и висока корупција со надлежност на цела територија на земјата и гаранции за самостојно дејствување. Сите обвинители од СЈО ќе продолжат да работат во ова ново обвинителство. Нивниот мандат истекува на 15 септември, а тие имаат право на реизбор, ако сакаат да се кандидираат. Нов шеф на обвинителството треба да биде Вилма Русковска што е неприфатливо за опозицијата. Според законот, шефот на новото обвинителство го одредува буџетот, а владата е должна да го прифати.

Во моментов во застој се и преговорите за пописот и за изборниот модел.

Горан Адамовски

Фото: Борис Грданоски