Катастрофална одлука на ЕУ, Македонија се соочува со политичка криза и долгорочна дестабилизација


„Одлуката на ЕУ да не отвори пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија е катастрофална“.

Тоа го изјави Волфганг Ишингер, претседателот на Минхенската конференција за безбедност и германски дипломат со долгогодишно искуство.

„Политичките трошоци на оваа одлука веќе се очигледни – Северна Македонија се соочува со политичка криза и возможна долгорочна дестабилизација. Останатите држави од западен Балкан ќе заклучат: ‘Не можеме да се потпреме на ЕУ, па дури и ако се вклучиме во тешките реформи, ќе останеме Европјани од втора класа“, изјави Ишингер за Политико.

Тој смета дека празнината која ЕУ на тој начин ја отвори нема да остане неисполнета и дека „подготвено ќе ја исполнат Русија, Кина, а особена Турција“.

„Многу малку е веројатно дека тоа ќе послужи за повисока цел на демократија, мир и стабилност во непосредното соседство на ЕУ“, вели германскиот дипломат.

Тој како најголема пречка на патот кон траен евроатлантски безбедносен поредк ја наведе „тмурната состојба на односите со Русија“.

„Штета што визијата за ‘заеднички европски дом’, која ја изрази поранешниот советски претседател Михаил Горбачов, никогаш не се оствари – дом за сите, вклучително и Русија. Се случи сосема спротивното: Со руската анексија на Крим и нејзината интервенција во источна Украина, оваа перспектива уште помалку се намали“, смета Ишингер.